Во Црна Гора, од 15186 заведени земјоделски стопанства, само 2273 се семејни земјоделски стопанства каде што носителите се жени, и 71 правно лице кај кои одговорните лица се жени.

 Вања Зориќ Шундиќ

 „Денеска ги славиме сите жени на село, кои секој ден од годината придонесуваат за опстојувањето на земјоделските стопанства, работејќи често во неповолни услови, оптоварени со работа како на работното место, така и во домаќинството.“ На овој начин носителите на одлуки во Црна Гора им го честитаат празникот на жените во руралните подрачја, 15 октомври, воспоставен во 2008 година од страна на Генералното собрание на Обединетите нации со цел да укаже на тешката положба на жените на село, но и да им оддаде признание за нивната важна, но често занемарена улога во земјоделството. Занемарена до таа мера што на улогата и придонесот на жените од село се сеќаваме само на овој празник, а од друга страна, бројот на жени од село кои знаат за овој празник се мери во промили, додека бројот на оние до кои стигнува „честитката“ е, верувам, едноцифрен.

Жените се клучни за општествениот и економскиот развој на руралните подрачја, а улогата на жените во црногорското земјоделство и влијанието врз зачувувањето и развојот на селата во Црна Гора е немерлив – гласат оцените од меѓународните конференции и панел дискусии. Вешто менувајќи ги своите дневни улоги на село, до неа не допира декларацијата со која е препозната важноста на одржувањето на семејството, особено од жените во руралните подрачја, потпишана од страна на министрите на Блед. Заклучоците од конференцијата останаа заклучени, а жената на село не е свесна за важноста на улогата која ја носи на плеќи.

Црна Гора нема механизми, стратегии, закони… чиј клучен приоритет е подобрување на положбата на жените на село. Програмите за подобрување на вработливоста на жените во руралните подрачја одамна истекоа (2016 година), појдовните претпоставки за составување на нови денеска се исти или полоши, а мерливите резултати – јавно достапни – речиси и ги нема. Стратегијата за развој на женското претприемништво во Црна Гора за 2021 – 2024 година ги препознава како посебна и осетлива категорија низ само неколку активности. Повремено, по некоја невладина организација ќе спроведе проект за зајакнување на жените на село, но без долгорочни и поопсежни ефекти. Впрочем, не е лесно да „зајакнеш“ толку силни жени, потребен е поцелосен и потемелен пристап.

Во меѓувреме, иселувањето на жените од руралните подрачја е драстично поголемо во последниве години. Основните причини се недостиг на инфраструкура, недостиг на пристап до јавните сервиси, како што се здравство и образование, и недостиг на основни и елементарни услови за живот, како што е недостиг на вода во домовите, гласат официјалните податоци. Во Црна Гора, од 15186 заведени земјоделски стопанства, само 2273 се семејни земјоделски стопанства каде што носителите се жени, и 71 правно лице кај кои одговорните лица се жени. Во руралните подрачја, 61% од жените имаат проблем околу пристапот до домашниот буџет, 35% имаат ограничен пристап, а 26% жени на никаков начин немаат пристап до домашниот буџер и со самото тоа не можат ни да планираат. Како решение се нуди родово одговорно буџетирање и неколку мерки од Агробуџетот кои им даваат предност на жените при бодувањето (Одбор за родова рамноправност). Дали е тоа доволно?

Честопати ограничена од општествените очекувања и од семејните обрасци на однесување, жената на село достоинствено го носи животното бреме. Посветена на семејството, не мисли на себе. Не се жали, тивко и мирно сè поднесува и прифаќа.

Е, токму на таквата, мудра, силна жена треба да ѝ се оддава почит секој ден. Да ја прашате за товарот кој го носи, да ја прашате што ѝ е потребно? Ќе почувствува почитување, разбирање, грижа и подадена рака. Тогаш решението е макар чекор поблиску.

 

Вања Зориќ Шундиќ е задолжена за родова рамноправност во НВО Мрежата за рурален развој на Црна Гора и е национален координатор во рамките на Балканската мрежа