Ситуацијата за Ѓукановиќ станува логички неодржлива. Ако продолжи вака, единствена шанса му е да одлета некаде далеку…

Брано Мандиќ

Сѐ ми е јасно, но како на Мило Ѓукановиќ по триесет години му поаѓа од рака да му веруваат на збор, е тоа не можам да го сфатам. Пред половина година од кабинетот на споменатиот Ѓукановиќ – истиот оној што преку пет мајки фирми отвораше сметки на Девствените острови – беше издадено соопштение дека претседателот, хм, се вакцинирал.

Сето тоа е очекувано и за пофалба, а би било уште повеќе ако Ѓукановиќ, како сиот нормален свет, понудеше и фотографија со радосната вест. Ја знаете веќе таа здодевна слика: биста на политичарот без кравата, подвиткан лидер во некоја спортска сала, со млитав бицепс и поглед забоден во подот. Такви слики имам во главата за многу прваци од веселиот Балкан – освен за Ѓукановиќ. А неговата слика ја немам од проста причина што таква фотографија не постои.

Скраја било да изразувам сомнежи дека Ѓукановиќ и неговата сопруга Лидија се дел од антиваксерското подземје, на тоа едноставно немам право, затоа што тоа би било фантазмагорично рекла-кажала замотано во пикантен кафеански пробабилизам. На слични паушалии имам уште помалку право ако знаеме дека на чело на Владата на Црна Гора е лидерот на антиваксерското надземје и медицински феномен, премиерот Здравко Кривокапиќ, со неговите 283,4 антитела.

Сепак, дискретната вакцинација на Ѓукановиќ ми е важна од друга причина, како симбол на минливоста на неговата вистинска моќ. Бидејќи никој не се запраша подлабоко, никој не побара доказ повеќе, небаре црногорската јавност остана рамнодушна на споменатиот интригантен недостаток. Едноставно рекоа луѓето, добро е тоа, Мило, ти го видовме бицепсот онојпат кога беше капитен на мундобаскет за ветерани во Монтекатини и се врати од Италија со злато. Ти веруваме на збор, двометрашу наш, но сега имаме други грижи.

Има ли полоша судбина за еден водач отколку некој да му го истргне центарот на внимание од кој дејствува? Има ли нешто погрдо за полит-бос отколку да биде локализиран во неговата моќ, до таа мера што една по друга аферите минуваат по црногорското медиумско небо, но по некоја постепена шема која добива јасни и предвидливи назнаки. Го нема веќе кај Ѓукановиќ оној полубожествен ерос кој во миг решава или крши сѐ. Не бре, се трупаат мрзеливо обвинувања, фактури и офшор документи, во нив се споменува Ѓукановиќ, но тоа повеќе не е центрифугалната пункција на црногорскиот политички простор, единствената точка околу која се врти сѐ.

Затоа веројатно секому, освен на оние најбезработните, му е гајле дали претседателот навистина се вакцинирал или не.

Ете, пред некој ден, токму во Палермо се споменуваше Ѓукановиќ, ако сѐ уште го интересира некого. Во судските документи пишува дека наводно преку пријател му овозможил банкарски услуги на албански тајкун. Ова не ќе беше сочно да не го гонат тајкунот за перење пари и да не кажеше по телефон дека братската банка на Ѓукановиќ ќе му ги отвори вратите, а претседателот на Црна Гора ќе му стане должник.

Уште еден костур од семејниот орман, ништо страшно. Но, едноставно, ситуацијата за Ѓукановиќ станува логички неодржлива. Ако продолжи вака, единствена шанса му е да одлета до Маврициус, да собира јајца од ветрушка кликавка или од некој друг ендемски вид, да инвестира во еколошкото движење и да се искупи за гревовите од минатото во фонот на заклучоците на самитот во Глазгов. Брат му Ацо веќе инвестираше во СПЦ, таму веќе не може, многу би биле двајца ктитори од иста куќа.

Можеби е подобро лидерот да се реинсталира во друг универзум, бидејќи за овој црногорскиот веќе не е толку важен за да остане недопирлив.

Претпоставувам дека и нему му е јасно тоа.

 

Брано Мандиќ, писател и колумнист