Ако некогаш различните верски заедници успеваат да дојдат до консензус во однос на своите ставови тоа е сигурно во напорите за контролирање на женското тело.

 Бојана Јовановска

Благодарение на своето социјалистичко минато, независна Република Македонија наследи легислатива која во голема мера го одразуваше либералниот однос кон абортусот. Дваесетина години по прогласувањето на независност (1991 година), со доаѓање на власт на партија која се декларира како демохристијанска и која ужива сериозна поддршка од страна на Македонската православната црква како доминантна религија во земјата, започна и суптилниот упад во правото и слободата на жените за донесување на одлуки за сопственото тело.

Почетокот беше проследен со анонимна кампања преку ширење на печатени и видео материјали за негативните последиците од абортусот, проследена со воведување на парични надоместоци за трето и четврто дете, зголемување на чинењето на абортусот, како и сè почести медиумски изјави на јавни личности (пред сè политичари и свештени лица), за да кулминира во 2013 година со поднесување на рестриктивен предлог-закон за прекинување на бременост од страна на Министерството за здравство и тоа по скратена постапка. И покрај бурните реакции и протести од страна на голем дел од граѓанските организации и општата јавност, чии аргументи и ставови беа целосно изигнорирани при подготовка на законските промени, законот беше усвоен брзо, без јавна дебата и преку ноќ значително го отежна пристапот до абортус, со усложнување и бирократизација на постапката за прекинување на бременоста.

По промената на власта во 2017 година, беше донесен и нов Закон за прекинување на бременоста во мај 2019 година со кој се отстранија дел од административните пречки, а Законот предвиде прекинувањето на бременоста да може да се изврши до истекување на 12-тата гестациска недела со писмена согласност од бремената жена, додека формирањето на Првостепената комисија беше поместено од 12-та на 22-ра гестациска недела од бременоста. Законот го воведе и медикаментозниот абортус, како алтернативен метод за прекинување на бременоста до деветтaта гестациска недела, меѓутоа неговата достапноста сè уште е ограничена само на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во главниот град.

Ако некогаш различните верски заедници успеваат да дојдат до консензус во однос на своите ставови тоа е сигурно во напорите за контролирање на женското тело. Така, и овојпат донесувањето на овој закон не беше премолчано од поглаварите на Македонската православна црква, Католичката црква, Евангелско-Методистичката врква и Исламската верска заедница во земјава, кои се најдоа засегнати и настапија со заеднични став дека ,,предложеното законско решение за прекинување на бременоста го прекршува основното право на живот на нероденото дете и го легализира свесното одземање на невин живот”.[1] Нивното изоставување од собраниската расправа по законот го преставија како дискриминација и загрозување на слободата на уверување и мисла и јавно изразување на мислата, и покрај уставната секуларност на државата.

Секој простор за преплетување на религиските догми со секуларните закони е опасен и неретко злоупотребен од страна на конзервативните партии со цел оправдување на нивните напори за вмешување во автономијата на женското тело. Секој обид за ограничување на правото на жените да одлучуваат за сопствените тела ги перпетуира традиционалните родови улоги, кои жената ја сведуваат на не повеќе од кујнски апарат во домаќинството. Користејќи ја религијата како соучесник, но и како инструмент за заплашување на граѓаните, преку наративи кои се состојат од различни хвалоспеви насочени на мајчинството, па се до изаедначување на абортусот со чедоубиство, се негува табуизацијата на абортусот и дополнително се замолчуваат веќе и онака тивките гласови на жените.

Веројатно највидливите удари врз правата на жените се во услови на криза, како пандемијата, како економската криза во која живееме, кои претставуваат плодна почва за развој на антиродовите движења, кои се сè поприсутни како на глобално ниво, така и во земјава. И покрај тоа што во Северна Македонија во моментов имаме ,,екстремна либерализација на абортусот”, како што тоа беше именувано од страна на поглаварот на Исламската верска заедница,[2] стравот од прелевање на негативните трендови кои земаат замав во САД, Полска, Унгарија, не е неоправдан. И покрај климавоста на конзервативните позиции кои се темелат не само на застарени наративи, туку и на евидентно непознавање на основите на функционирање на женските тела, сепак заканата за менување на закони и наметнување на регресивни политики е сеприсутна. Оттука, будноста на бедемите на човековите права станува повеќе од потребна, бидејќи историјата нè учи дека законите не се исклесани во камен (за разлика од религиското слово) и заканата по човековите права, особено правата на жените е постојано присутна.

 

 

 

[1] https://netpress.com.mk/verski-zaednici-vo-makedonija-zaednicki-protiv-predlog-zakonot-za-abortus/

[2] https://civilmedia.mk/ivz-protiv-noviot-zakon-za-prekin-na-bremenosta/