Малку иронично тврдеше професорот Гребо дека во БиХ никој не знае кој е левица, центар или десница, но сите знаат кој е Хрват, Србин или Бошњак, и дека во таков амбиент ниедна нормална, ниту рационална концепција за организација на државата и за нормален живот не е возможна.

Боро Контиќ

Истражувајќи го политичкиот, интелектуалниот и јавниот живот на сараевскиот професор по право, Здравко Гребо, за потребите за книгата за неговиот живот, се обидував, меѓу другото, да ја разјаснам и неговата оставка на членството во Централниот комитет на Сојузот на комунисти на Југославија, во јули 1989 година. Имено, професорот Гребо, во седумдесетгодишната историја на оваа партија, бил првата личност која доброволно се повлекла од врвот на пирамидата на власта. Една од причините за неговата оставка, зборувал, бил фактот дека партијата, кон крајот на 80-тите години од минатиот век, се изгубила низ растечкиот национализам. Од ова произлегло дека „на многу комунисти им стана помил својот националист одошто најблискиот сосед комунист. Гребо воочил дека национализмот во Југославија е, всушност, инструментализиран да се „тргне погледот од неспособноста на власта околу решавањето на важните социјални проблеми“.

Накратко, причина за Гребовото напуштање на тогаш единствената југословенска партија бил и фактот дека таа, како повеќедецениска лева партија, за само неколку месеци полетно го апсорбирала национализмот, таа несомнена карактеристика на десницата. Неколку месеци подоцна, Гребо, следејќи ја предизборната кампања за првите повеќепартиски избори во Босна и Херцеговина, предупредувал дека е „ненормална, затоа што не се знае кој е лево, а кој десно“. Победниците на тие избори, три национални партии, не беа десница, а „не се ниту политички партии, а прашање е дали можат да се сведат во движења?“ Воспоставувањето на нормален политички спектар, со левица, центар и десница, за професорот Гребо претставуваше важно прашање за иднината на повоената БиХ, затоа што воспоставувањето на класична политичка поделба би значело и конечен крај на владеењето на три популистички движења со национален предзнак. Професорот Гребо проблемот на државата го гледаше токму во тоа што луѓето гласаат како припадници на етнички заедници, а не – избирајќи од нормалниот политички спектар кој постои насекаде во цивилизираниот свет. Малку иронично тврдеше дека во БиХ никој не знае кој е левица, центар или десница, но сите знаат кој е Хрват, Србин или Бошњак, и дека во таков амбиент „ниедна нормална, ниту рационална концепција за организација на државата и за нормален живот не е возможна, бидејќи политичките програми се фотокопии од некој либерално-демократски шаблон, што неминовно значи дека понудата, всушност, не го обврзува сериозно понудувачот“.

Минаа неколку децении од времето кое, еве го евоцирам, но на политички план овде се нема променето ништо. И понатаму сè се мери само од национален агол. Во октомври 2016 година, Собранието на Република Српска во Бања Лука им додели свечени Повелби на основачите, по повод 25-годишнината од првото заседание на ова Собрание. Меѓу нив и на Радован Караџиќ, на Билјана Плавшиќ и на Момчило Крајишник, во меѓувреме правосилно осудени за најтешки воени злосторства. Ова наиде на осуда и од меѓународните претставници, кои настанот го оценија како „неприфатлива пракса во модерниот и цивилизиран свет и вон опсегот на европските вредности“. Политичките обиди оваа одлука да се повлече и да се одземат повелбите со одликувања од воените злосторници траеја неколку години. Изморен од јаловото чекање, Високиот претставник Валентин Инцко на Народното собрание на РС му даде рок од три месеци да се одземат повелбите со одликувања доделени на правосилно осудени воени злосторници. Своето барање го објасни со тоа дека „нивните постапки во текот на вооружениот судир го шокираа светот и причинија незамисливи човечки страдања“.

Кога истече тримесечниот рок, Собранието на РС, со согласност од сите партии во распон од лево до крајно десно, едногласно го отфрли барањето на Високиот претставник. Ова беше вовед во голема криза во политичкиот живот на БиХ, која сè уште трае. Но, никој од политичките претставници од РС не ни спомена дека било потребно само да се промени една нецивилизациска одлука. За сите политичари, иако „на хартија“ се движат од левица до десница, постои само еден виновник: Меѓународната заедница.

Приказната за лево, центар и десно веќе со овој пример се чини безнадежна.

 

Боро Контиќ е долгогодишен новинар, документарист, директор на сараевскиот Медиа Центар