Со фокусот на борбата против корупцијата и целосното внимание насочено кон креирање политики, на правата на ЛГБТИ луѓето се гледа како на периферно прашање, и покрај фактот дека тие се основни човекови права.

Блерт Морина

Косово започна предоцна за решавање на прашањето за ЛГБТИ правата во јавниот домен.

ЛГБТИ луѓето сигурно имале свој скриен живот, бидејќи безбедните простори надвор од приватните простори биле и остануваат прилично ограничени.

Така, започнаа да имаат состаноци во своите домови, како место каде што можат да ги артикулираат своите барања и да споделуваат секојдневни предизвици.

Со формирањето на организациите кои се залагаат за ЛГБТИ правата и човековите права воопшто, активизмот започна да се шири надвор од приватните простори, од домот во јавните простори – кои сè уште се ограничени поради дискриминацијата и сериозното угнетување на ЛГБТИ луѓето. Јавната дебата за правата на ЛГБТИ заедницата исто така носи предизвици. Во општество во фаза на транзиција, со генерациски судири, со многу ограничени информации за ЛГБТИ луѓето (сè уште има дезинформации за тоа што е ЛГБТИ), со менталитет, според кој, немало ЛГБТИ лица во ова општество, туку биле донесени овде по војната, биле „увезени“ од меѓународната заедница, од Западот. Со фокусот на борбата против корупцијата и целосното внимание насочено кон креирање политики, на правата на ЛГБТИ луѓето се гледа како на периферно прашање, и покрај фактот дека тие се основни човекови права. Така, дури и во напорите преземени од институциите се рефлектира ваквиот став.

ЛГБТИ луѓето во принцип се посебна социјална група, но ова не треба да се преведува во нееднакво постапување со нив. Можеби, единственоста на оваа социјална група произлегува токму од повеќекратното угнетување што го доживуваат и од перцепцијата на мнозинството дека тие се „различни“, „неприфатливи“, „болни“. Сè додека ова исклучување продолжува да биде нормално, угнетувањето ќе продолжи.

ЛГБТИ луѓето во Косово, некои на дневна основа, некои на месечно ниво, некои поретко од тоа, ќе се соочат со разни бури во нивните животи. Но, патот на ЛГБТИ движењето се карактеризира со солидарност, дух што се пренесува од активист на активист. Солидарноста ќе биде главниот двигател на ЛГБТИ луѓето што ќе им овозможи да се соочат со каков било предизвик и тоа ќе биде клучен фактор за зајакнување на ЛГБТИ заедниците. Со години, улиците честопати беа полни со активисти, но кога и да е потребно, ќе продолжиме со протести сè додека секој поединец, без оглед на сексуалната ориентација, родовиот идентитет, раса, јазик и религија не добие рамноправен третман.

 

Блерт Морина, Извршен директор на Центарот за еднаквост и слобода Косово