Aко покрај социјалното претпримеништво го поставиме зборот млади во пост-ковид агендата дефинитивно имаме стратегија за градење на иднина и подобар свет.

Билјана Стојческа

Иако веќе март во 2021, јас ќе кажам, оваа година започна со старо новиот предизвик “Kако да се носиме со пандемијата со Ковид 19?”.  Всушност оваа пандемија освен што е предизвик претставува и тесен прозорец или ретка можност за да рефлектираме на нашето однесување кон општеството. Важноста на инвестиција во добро, која трае и постои повеќе од една деценија, но и улогата на оваа инвестиција во пост-ковид агендата и дава комплетно ново ниво на важност.

Актуелноста на прашањето за како после пандемијата со Ковид 19 во дневните вести и новини е опфатено преку јавниот сектор (државните институции) и приватниот сектор (профитните бизниси). И вика “Владата на Република Северна Македонија ги донесе следните мерки за справување со кризата”. Од друга страна “Претставници на бизнис заедницата бараа на денешниот состанок со надлежните институции ефикасни решенија за економските импликации на Ковид 19 кризата”. И ако кај првиот и вториот сектор доминираат зборовите дава и бара, кај третиот, социјалниот сектор (невладините организации) доминира зборот криза. И имаме млади во криза, права во криза, вредности во криза, криза во криза.

Затоа е потребна употребата на новиот економски пристап во пост-ковид агендата кој го комбинира најдоброто од јавниот сектор, приватниот сектор и социјалниот сектор. Всушност еволуцијата наречена социјално претприемништво доведе до отворање на границите помеѓу овие три сектори, поставувајќи го во фокусот дополнителниот четврти сектор. Четвртиот сектор јас го претставувам како мозаик од иновации, организации и мрежи, профитни претпријатија, задруги и кооперативи. Дефиниција не е потребна, важна е движечката сила на овој мозаик да се мобилизира во изнаоѓањето на толку потребните решенија.

Социјалното претприемништво, тоа што отвара меѓусекторски граници, ќе биде клучно за постпандемиската економска и социјална реконструкција бидејќи се наоѓа на пресекот на две клучни теми. Да, и ние овде на Балканот зборуваме за ресет за подобар свет после пандемијата. Во основата на социјалните претпријатија е оддржлива инвестиција во позитивните промени на заедницата. Позитивната промена дома е првиот чекор во градењето на подобар свет. Второ, малите претпријатија се од витално значење за економијата во нашето општество и затоа токму млаите претпријатија ќе ја одредат економската иднина на регионот. Затоа е важно да ја поттикнуваме економијата за општо добро.

Од друга страна, социјалното претприемништво ни ги поставува во фокусот зборовите еколошко, социјално,  одговорно, заедничко, учење, решенија, идеи, можности, напредок, развој.  Всушност социјалните претпријатија по дизајн, настојуваат да им дадат приоритет на социјалните и еколошките потреби, истовремено користејќи го одржливиот економски пристап. За претприемништвото ефективно да ги вклучи еколошките и социјалните потреби, ние мора да ја разбереме нашата колективна одговорност. Повеќе не можеме да го живееме светот со играта за некој да победи, другиот мора да изгуби. Важно е да се препознае зависноста на човештвото, неопходноста од содејствието и соработката за заемен напредок и решенија. Конечно, поставувањето на решенија во различни контексти, креативно експериментирање со идеи и рефлексивни и повторливи практики се процес на развој кој ни е сега потребен.

Конечно, ако покрај социјалното претпримеништво го поставиме зборот млади во пост-ковид агендата дефинитивно имаме стратегија за градење на иднина и подобар свет.

 

Билјана Стојческа, младински работник во Младински сојуз-Крушево