Кај луѓето кои се придржуваат до здрава диета со овошје и зеленчук значително се намалува ризикот од прекумерна тежина, срцеви заболувања, дијабетес и некои видови на рак.

Арбиса Шефкиу

Генци се буди секој ден во 08:00 часот. Веднаш го отвора фрижидерот да се напие чаша „Кока Кола“ и зема чоколадо со себе на училиште. Неговата сестра, мајка и татко го прават речиси истото.

Неговото семејство нема многу верба во теоријата дека начинот на кој јадеме го дефинира функционирањето на нашето тело и мозок.

Всушност, за нив, зборот „диета“ значи да не јадете ништо цел ден и го сметаат за некаков „помоден“ израз. Но, според Светската здравствена организација, диетата вклучува комбинација на различни здрави намирници за човечкото тело и мозок.

СЗО, исто така, појаснува дека здрава диета значи да јадеме што е можно повеќе зеленчук и овошје, што помалку масна храна, да ја ограничиме употребата на шеќер и сол, да пиеме што повеќе вода и да јадеме морска храна.

Но, која е користа од ваквата храна за нашето здравје?

Светската здравствена организација посочува дека зеленчукот и овошјето се важни извори на витамини, минерали, влакна, протеин и антиоксиданси. Според оваа организација, кај луѓето кои се придржуваат до здрава диета со овошје и зеленчук значително се намалува ризикот од прекумерна тежина, срцеви заболувања, дијабетес и некои видови на рак. Од друга страна, луѓето кои користат заситени масти и масла, кои се произведуваат индустриски, имаат зголемен ризик да развијат срцеви заболувања или да доживеат мозочен удар.

Понатаму, се препорачува да се користат растителни масла како маслиново, соино и пченкарно масло, а нивното конзумирање не треба да надминува 30% од вкупно внесените извори на енергија за едно лице.

Исто така, за здрава диета, шеќерите треба да претставуваат помалку од 10% од вкупно конзумираните извори на енергија. Според СЗО, изборот на свежо овошје наместо блага храна како бисквити, слатки и чоколадо помага да се намали внесувањето на шеќери.

Дури и во однос на количеството на сол, неговото намалување помага во превенцијата на хипертензија и на срцеви заболувања.

 

Митови за храната

Некои од митовите што често се користат кога се во прашање диетите се: да ја намалите тежината значи да се откажете од сета храна што ја сакате; не треба да употребувате житни производи како леб, тестенини и ориз; млечните производи се нездрави и дебелеат; вегетаријанската исхрана помага при намалувањето на тежината.

Но, овие митови, според Националниот институт за дијабетес и бубрежни заболувања, не се точни. Сметаат дека не треба да се откажувате од сета омилена храна кога се обидувате да ја намалите тежината. Мали количини од вашата омилена висококалорична храна можат да бидат дел од вашиот план за слабеење, само морате да ја намалите количината. Според Институтот, за да ја намалите тежината, треба да согорите повеќе калории одошто внесувате преку храна и пијалоци.

Исто така, сметаат дека целозрнестата храна, како леб и тестенини, е здрава и ве држи заситени долго време. Целозрнестите намирници обезбедуваат железо, влакна и други важни хранливи материи.

Треба да забележиме дека денеска, развојот на технологијата придонесе да можете со само едно пребарување да најдете диети и совети за здрава храна од најдобрите нутриционисти ширум светот, иако и во Косово има нутриционисти кои можат да им дадат совети и диети на оние на кои им се потребни. Сепак, точниот број на нутриционисти кои работат во Косово е сѐ уште неутврден.

Вреди да се спомене дека во Косово, на државните универзитети нема специјализиран оддел за нутриционисти, но има предмети во рамките на студиите на Земјоделскиот факултет, на катедрата за Прехранбена технологија. На приватните универзитети, постојат и посебни оддели.

Оттука, ова го гледам како можност за државните универзитети да размислат околу отворање на програми за специјализација за нутриционисти и дополнително да ја промовираат оваа професија на национално ниво, затоа што начинот на кој се храниме е многу важен за долговечноста, а честопати, динамиката на денешниот живот прави да ја заборавиме важноста на исхраната.

 

Арбиса Шефкиу е новинарка од Косово