Поради изградбата на малите хидроелектрани во голем број села во државата е забележан проблем со снабдувањето со вода, што ги оневозможува граѓаните да го остварат правото на чиста и безбедна вода за пиење.

Ана Чоловиќ Лешоска

 Во последните децении се забележува енормен пораст на бројот на доделени концесии за користење на водни ресурси за производство на електрична енергија со мали хидроцентрали. Овој тренд се забележува не само во С Македонија туку и во земјите на Западен Балкан, каде вкупно се планирани над 3000 вакви проекти, а 1400 се веќе во функција. Делумно поради политиката за зголемување на уделот на обновлива енергија во енергетскиот микс, а главно поради финансиските стимулации, бизнисот за изградба на мали хидроцентрали доживува подем во регионот.

Но, и покрај нивната обновлива природа, бидејќи водата се смета за обновлив извор на енергија, малите хидроцентрали не се одржливи. Штетите од овие проекти се познати и кај нас, но и во соседните држави. Поради зафатите на речните корита, честопати реките и крајречната вегетација и живеалишта, како и сиот див свет во нив претрпуваат огромни штети и се под постојан ризик од изумирање. Дополнително, изградбата на мали хидроцентрали и нивните пристапни патишта создаваат појави на ерозија и лизгање на земјиштето што прави неповратна штета на уникатните релјефни структури во клисурите, а претставува и голем ризик во време на обилни дождови и поплави. Со изградбата на пристапни патишта до најскриените делови од планините и шумите, се овозможува криволов, дива сеча, вознемирување на дивиот свет и изградба на цврсти објекти во подрачја што одамна се планирани за заштита. Ова е од особен проблем во случајот со нашите заштитени подрачја.

Во нашата држава нема соодветна законска рамка за еколошки проток на реките со која ќе се спречи пресушувањето на реките и уништување на екосистемите од функционирањето на малите хидроцентрали. Наместо комплетни студии за оцена на влијание врз животната средина, државните органи од инвеститорите бараат елаборати за животна средина, кои не овозможуваат добра процена на теренот и екосистемите, не даваат доволен број и квалитет на заштитни мерки и не овозможуваат јавни консултации.

Воедно, поради изградбата на малите хидроелектрани во голем број села во државата е забележан проблем со снабдувањето со вода, што ги оневозможува граѓаните да го остварат правото на чиста и безбедна вода за пиење.

Досега во државата се изградени над 90 мали хидроелектрани, а уште најмалку 20 се во фаза на изградба. Граѓаните преку сметките за електрична енергија плаќаат за субвенционирање на производителите на електрична енергија од обновливи извори, со што најголем процент од овие средства завршуваат кај инвеститорите на мали хидроцентрали. Поради ваквите стимулации, изградбата на мали хидроелектрани е во пораст. Интересно, програмата на Владата за периодот 2020-2024 најави воведување на забрана за изградба на мали хидроцентрали во заштитени подрачја, но не најави укинување на субвенциите. Оваа контрадикција е евидентна со последните одлуки за продолжување на договорите за концеција за хидроелектрани во националниот парк Маврово, каде освен природата, сериозно засегнати се и жителите на локалното население.

 

Ана Чоловиќ Лешоска, makedonski biolog, od 2011. godine vodi kampanju protiv izgradnje brana za proizvodnju hidroelektrične energije u Nacionalnom parku Mavrovo, u cilju zaštite ugroženih vrsta.