„Секој што не се сеќава на минатото е осуден одново да го преживее“, затоа се молиме, ах, ова да не се случи; напротив, ќе се трудиме да ја правиме оваа земја сè подобра со секој нареден ден!

Алкета Гаши Фазлиу

Пораснав во предвоено Косово. Денеска, мојата втора ќерка е точно на возраста на која нејзината мајка го минуваше своето детство во прекрасниот Призрен, но со убавина нарушена од недостигот на слобода и човекови права погазени во тоа време!

Како дете во 90-тите, сè уште го чувам жив споменот на протестите за нарушеното достоинство во секоја албанска уличка, осакатеното образование одржувано по конаците и подрумите, само за да не се забрани албанскиот збор, да не се сквернават напорите да се размислува поинаку, зборот слободен… само за слобода!

Имав околу 13 години кога сè на Косово се смени во јуни 1999 година, со влегувањето во земјата на меѓународните сојузници!

Денеска, кога ќе погледнам наназад и ќе се соочам со мислите со отворени очи за минатото, се плашам дека навистина ја разбираме важноста на она што го поминавме и растот и развојот во секој сектор! Во мојот ум се појавуваат многу прашања: Дали навистина ги почитуваме напорите за слобода? Дали правилно ја градиме нашата модерна држава? Дали стануваме оние кои навистина му требаат на Косово?

Секој ден се занимавам со минатото, но секој ден сè повеќе ја гледам оваа конфронтација од перспектива да придонесам денеска за подобра иднина за сите. Најдоброто Косово во иднина, најдобриот регион во иднина станува реалност кога сите, без разлика на пол, етничка припадност, верско убедување, мислење, не се соочуваат со предрасуди, насилство или уште полошо.

Работам како новинар на ТВ, многу моќен медиум не само за информирање, туку особено за едукација на граѓаните. Оваа улога ја презедов со голема одговорност, знаејќи ја тежината на говорниот и пишаниот збор. Затоа, моја професионална и лична мисија е да ја ставам оваа моќ што ми ја даваат медиумите во служба на социјалната еманципација, да придонесам за едукација за мир, здрави практики на справување со минатото, за да изградиме добра иднина за сите нас, граѓаните на Косово и на Западен Балкан.

Ова е единствениот начин како општество да ги надминеме насилството и траумите од минатото, да изградиме не само мостови на мирот, туку да создадеме прогресивна реалност.

Што може секој од нас да направи за да ни помогне да станеме подобри? Ова е дилемата! Но, толку е едноставно… на генерациите што доаѓаат да им се каже минатото не како хронологија, не како заборав, не како легенда, но не и како анимирани филмови на Дизни. Да се соочиме со вистините, колку и да се болни и неприфатливи, да ги почувствуваме страдањата на оние што ги доживеале, да ги пресметаме штетите и да ги употребиме овие информации засновани на факти, а не на предрасуди, во наша корист, таквите настани никогаш повеќе да не се повторат!

„Секој што не се сеќава на минатото е осуден одново да го преживее“, затоа се молиме, ах, ова да не се случи; напротив, ќе се трудиме да ја правиме оваа земја сè подобра со секој нареден ден!

 

Алкета Гаши Фазлиу – новинар, публицист, писател, уредник во РТК