Арјан Сала сега е херојот кој на сите ни беше потребен. Ни требаше некој да ни го осветли патот кон општествена одговорност на работното место.

Албана Мучај

Во текот на три дена, фотографијата на која Арјан Сала гледа право во нашите очи, нè трогна сите. Овој вработен во приватна компанија за обезбедување беше заробен во пламенот што го зафати магацинот на трговски центар во Тирана, откако спаси 20 други вработени. Пламенот што не гаснеше и непробојниот чад ја зголеми вознемиреноста кај неговото семејство и кај сите Албанци. Триесет и двегодишниот, татко на мало дете, не беше пронајден, а надежта дека ќе го пронајдат жив умре на третиот ден откако започна потрагата по него, 27-ми март, кога беше пронајдено неговото безживотно тело.

Снимените видеозаписи од безбедносните камери го потврдија присуството на „Херојот меѓу нас“. Арјан трчал во загрозената зона да го изгасне пламенот и да се обиде да ги спаси вработените. Огнот беше поголем од неговата храброст, но сигурно, неговата храброст и одговорност беа најголемите што можат да се најдат кај сите нас. Херојот меѓу нас сега и официјално стана херој на народот.

Советот на министри го прогласи Сала за „Маченик на нацијата“ со образложение „Го загуби животот во обид да го спаси населението во случај на катастрофа“. Сертификатот му беше врачен на семејството на Арјан Сала од страна на премиерот Еди Рама. Неколку дена претходно, претседателот Илир Мета го одликува Арјан Сала со „Орден златен орел“. Мета истакна: „Среде болка, но со благодарност и гордост од секој Албанец, денес му доделив на херојот Арјан Сала „Орден златен орел“ во знак на длабоко признание и почит кон неспоредливото херојство при исполнувањето на должноста, со што го спаси животот на многу граѓани. За неговата возвишена жртва и саможртва, со која влезе во нашите срца, како пример за херојство и хуманизам“.

Херојските акти се секогаш импресивни, но во денешната реалност, оваа постапка доаѓа во време кога сите се борат за нешто што не се фокусира на грижата за другиот. Земјата е на работ на нови избори и политичките партии со месеци трчаат кон победа. Изборните кампањи многу често ги надминуваат цивилизираните норми и се претвораат во лични коментари и навреди.

Компаниите блиски до владата брзаат да обезбедат предности, вклучително и тендери; дури и поединци брзаат по успех по секоја цена. Во сите овие случаи, штетата предизвикана во општеството не се зема предвид. Ова трчање не беше запрено дури ни од пандемијата, која нè натера да научиме дека грижата за другите е поважна од парите и успехот. Во оваа епоха на конзумеризам, концептот на одговорност и алтруизам ослабе и речиси сосема исчезна. Ова придонесе Арјан да се категоризира како херој меѓу нас и меѓу граѓаните.

Секако дека таквата реакција што резултираше во саможртва не е случајна. Секој што размислувал за овој концепт, сфатил дека Арјан така бил воспитан.

Јавните настапи на неговото семејство го потврдија ова. Неговиот вујко и неговиот брат ни претставија многу едноставно и скромно семејство со многу вредности. Модел кој за жал не го гледаме многу често на телевизија или на мрежните медиуми, па затоа сите сме импресионирани од момчето кое не размислуваше за себе, туку за другите среде опасноста. Арјан Сала сега е херојот кој на сите ни беше потребен. Ни требаше некој да ни го осветли патот кон општествена одговорност на работното место. Роден е и израснал во периферијата на Тирана и стана популарен преку овој чин што ги надминува националните димензии. Неговите жртви што достигнаа до степен на саможртва го прават глобален херој на денешното општество.

 

Албана Мучај, економски новинар повеќе од 15 години. Во моментов, таа управува со списанието „Бизнисмаг.ал“