Додека донесувањето на новиот закон се пролонгира, ширум државата се трупаат и зголемуваат количествата отпад што е одложен на привремени депонии, кои одамна требаше да бидат укинати и трајно решени.

Азра Вуковиќ

Управување со отпадот е една од подобластите во рамките на поглавјето 27 – Животна средина и климатски промени, кое се смета за едно од најкомплексните, но и финансиски најоптоварувачките поглавја во процесот за пристап на Црна Гора кон Европската унија. Процесот на управување со отпад е многу специфичен и опфаќа широк дијапазон на заинтересирани страни кој вклучува граѓани, комунални претпријатија, локални самоуправи, систем на депонии, дворови за рециклирање, рециклатори, приватен сектор. Во системот за управување со отпад сите имаат своја улога и во процесот на дизајнирање на политика во оваа област многу е важно да се анализираат и да се разберат потребите и можностите на секој поединечен учесник во системот.

Во Црна Гора, пред 10-тина години за првпат се поставени контејнери за одвоено собирање отпад за неколку категории отпад во Подгорица. Освен неподготвеноста на граѓаните да го прифатат тој систем и да почнат да го одвојуваат отпадот на оние компоненти за кои беше обезбедена инфраструктура во вид на контејнер, постоеше и неподготвеност на институциите да го проследат и да го реализираат овој процес до крај. Проектот не успеа затоа што не беше спроведен на соодветен начин.

Неодамна во Црна Гора се започна со имплементација на концептот за одвојување на отпадот на сува и на влажна фракција. Овој концепт подразбира материјалот кој се рециклира да се одвојува во една канта, додека во влажната фракција се одложува органски отпад и она што не се рециклира. Овој проект сè уште не ги дава посакуваните резултати и процентот на рециклирање официјално се движи околу 1%.

Новиот закон за управување со отпад кој требаше да даде одговор на правците во кои во иднина ќе се решава прашањето околу управувањето со отпад во Црна Гора, но и да постави темел за креирање на стратешки документи во оваа област на локално и на национално ниво, е во процедура од 2017 година. Јавната расправа за овој закон е реализирана во август 2018 година, меѓутоа законот сè уште не е усвоен. На него се работеше според коментарите и сугестиите од различни страни, и јавноста во Црна Гора во овој момент не знае која верзија од законот евентуално би можела да биде усвоена. Од таа причина, од Green Home инсистиравме на повторување на јавната расправа. Во меѓувреме, директивите на ЕУ се менуваат и се прилагодуваат. Така, неодамна беше усвоена директивата за пластика за еднократна употреба, која забранува употреба на широк дијапазон на предмети од пластика кои се користат еднократно, како што се пластични ќеси, сламки и слични предмети, а кои во Црна Гора исто така требаше да бидат опфатени со новиот закон. Новиот Закон требаше да биде основа и за подготовка на Државниот план за управување со отпад за периодот од 2022 до 2027 година, како и за локалните планови за управување со отпадот. И оваа активност се пролонгира.

Додека донесувањето на новиот закон се пролонгира, ширум државата се трупаат и зголемуваат количествата отпад што е одложен на привремени депонии, кои одамна требаше да бидат укинати и трајно решени, или, пак, на бројните нелегални депонии кои се присутни крај патиштата, на бреговите на реките, покрај населбите, во селата и на други локации…

Дополнителен проблем е што комуналните претпријатија кои функционираат на локално ниво честопати немаат ниту финансиски, ниту човечки капацитет за самостојно да се изборат со проблемите во оваа област, и во тоа мораат да добијат поддршка на државно ниво, макар на ниво на стратешки правци во кои треба да се движат. Во ова мораат да им помогнат и другите органи кои се надлежни за комунални работи, вклучувајќи ги комуналната инспекција, комуналната полиција, а во бројни ситуации и еколошката инспекција.

 

Азра Вуковиќ, извршна директорка на НВО Green Home