Во земјите во развој како што е Западен Балкан, претприемачите кои носат иновации на пазарот даваат клучен придонес во процесот на економски развој.

Аделина Хасани

Иновативното претприемништво има огромна улога во одржливиот развој на економијата. Кога стапката на невработеност е висока, а економијата стагнира, претприемништвото може да ѝ помогне на економијата и да ја намали невработеноста преку развивање иновативни производи. Затоа, земјите во развој како што е Западен Балкан, претприемачите кои носат иновации на пазарот, даваат клучен придонес во процесот на економски развој.

Косовската економија сè уште е многу зависна од приливот на дознаки и од донаторски активности. Покрај тоа, пандемијата на Ковид-19 силно ја погоди економијата на Косово. Според податоците на КАС, од почетокот на пандемијата, стапката на вработеност е намалена од 29,1% на 24,1%, а стапката на невработеност порасна од 25% на 27,2%. Според студијата на Институтот ГАП, во првите седум месеци од пандемијата на Ковид-19 биле регистрирани 198.000 баратели на работа, а најголем дел од барателите на работа биле на возраст од 25 до 39 години.

Додека високата невработеност и ефектите од пандемијата на Ковид-19 предизвикаа тешка економска криза, иновативното претприемништво се смета за поттик за зголемување на вработеноста и економското зајакнување, особено кај младите. Во Косово има неколку примери за тоа како иновативните претпријатија успеале да влезат во бизнис секторот. Уникатен пример за иновативно претприемништво е „SPECTRA“ во Призрен. Иновативна, мултидисциплинарна компанија која работи на полето на одржлива архитектура, информатичка технологија, циркуларна економија и образование, која е основана за време на пандемијата од две млади жени, Премиса Арапи и Примеса Арапи.

Премиса и Примеса се две сестри кои ги завршиле студиите во странство и се вратиле во Косово со идеја да отворат бизнис кој е иновативен, но кој се фокусира на заштита на животната средина. Преку нивните услуги, тие ја подигаат свеста кај потрошувачите за тоа како треба да се заштити животната средина. Првичната идеја на SPECTRA беше да се изгради национална основа за одржлив развој, дигитализација на секојдневните практики и еколошко производство. Преку полето на одржлива архитектура, SPECTRA нуди услуги за зелена архитектура/еколошки дизајн, пресметка на енергетска ефикасност во постоечки и планирани згради, а сите производствени материјали што им се нудат на нивните клиенти можат да се рециклираат.

Во меѓувреме, преку едукативни курсеви, SPECTRA нуди кариерно водство и планирање. На овој начин, компанијата успеа да собере околу себе многу професионалци од различни области, преку воспоставување на нова форма на бизнис кој нуди неколку услуги во исто време, придонесува за поодржлив економски развој и промовира ефикасни решенија за зачувување на енергијата. Овој пример покажува како бизнис со иновативни идеи може да се појави како алтернатива на пазарот на труд.

И покрај многуте проблеми со кои се соочуваат бизнисите во Косово – особено во периодот на пандемијата – иновативното претприемништво игра важна улога во развојот на економијата на земјата. Уште повеќе, може да биде важен чекор во спречувањето на младите и образованите луѓе да ја напуштат земјата, создавајќи иновативни простори за практикување на нивната професија. Затоа е многу важно да се изградат одржливи институционални политики кои поддржуваат иновативни идеи.

 

Аделина Хасани е борец за човекови права и експерт за родови прашања